Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека десетици мачки во Полска се заразени со птичји грип, а постои ризик вирусот да се пренесе на луѓето, иако се уште не е регистрирано.
Кон крајот на минатиот месец, полските власти ги известија претставниците на СЗО за невообичаената смрт на повеќе од 45 мачки во 13 региони на земјата.
Тестирањето минатата недела покажа дека 29 од тие мачки биле заразени со вирусот H5N1.
Во соопштението се наведува дека ова е првпат да се забележат толку голем број заразени мачки на толку голема површина во една земја.
СЗО соопшти дека ризикот луѓето во Полска да бидат заразени со птичји грип е „низок“ до „умерен“ за оние кои биле во контакт со мачките, вклучително и сопствениците на мачки и ветеринарите.
Од минатата година, властите во 10 земји пријавија појава на птичји грип кај цицачи, вклучително и одгледувани куни во Шпанија, фоки во САД и морски лавови во Перу и Чиле.
Од јуни, најновата варијанта на H5N1 е пријавена кај птиците и другите животински видови во Азија, Африка, Европа и Америка. СЗО објави дека од 2020 година во светот се пријавени десет случаи на инфекција кај луѓето.
Научниците се загрижени дека зголемениот број случаи на H5N1, особено кај животните кои имаат контакт со луѓе, може да доведе до мутирана верзија на вирусот што лесно може да се шири меѓу луѓето, предизвикувајќи нова пандемија.