Светската здравствена организација соопшти дека е пријавен најмалку еден смртен случај во врска со мистериозната епидемија на заболување на црниот дроб што ги погодува децата во Европа и во САД.
Здравствената агенција на ОН доцна во саботата објави дека досега добила извештаи за најмалку 169 случаи на „акутен хепатитис од непознато потекло“ од десетина земји, јавува Асошиејтед прес (АП).
Пријавени се случаи кај деца на возраст од еден месец до 16 години, а на 17 пациенти им била потребна трансплантација на црн дроб. СЗО не соопшти во која земја настапила смртта.
Првите случаи се забележани во Британија, каде се разболеле 114 деца.
„Сè уште не е јасно дали има зголемување на случаите на хепатитис или зголемување на свеста за случаите на хепатитис кои се случуваат со очекуваната стапка, но остануваат неоткриени“, се вели во соопштението на СЗО.
Експертите велат дека случаите можеби се поврзани со вирусот, кој вообичаено се поврзува со обичната настинка, но во тек е понатамошно истражување, заклучува АП.