СЗО: Не ги поддржуваме ковид пасошите презентирани од ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Светската здравствена организација денес соопшти дека ова меѓународно тело не е за ковид пасошите, само еден ден откако Европската комисија презентираше предлози за „дигитална зелена пропусница“ во ЕУ.

„Во оваа фаза, не поддржуваме дека вакцинацијата одредува дали можете да патувате во странство или не“, рече Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, пренесува Euronews.

„Ние ја поддржуваме вакцинацијата, со која било вакцина, да направиме документација, без разлика дали е хартиена или по можност дигитална, поради што СЗО работи на паметен дигитален сертификат. Но, ова е малку поинаков вид пасош“, рече тој.

Кетрин Смолвуд, одговорна за вонредни ситуации во СЗО за Европа, рече дека телото во моментов ги следи „деталите на соопштенијата дадени од Европската комисија“.

Во соопштението се вели дека „е јасно дека новата зелена пропусница нема да се користи како пасош за вакцината и дека недостатокот на истата нема да ги спречи луѓето да патуваат во рамките на Европската унија“, рече таа.

Клуге рече дека причината поради која агенцијата не поддржува ковид пасоши (пасоши за вакцини) е првенствено етичка, со оглед на глобалниот недостиг на вакцини.

„Значи, ова ќе ја зголеми рамноправноста“, рече тој.

Постојат и научни причини.

„Сè уште не сме сигурни колку трае имунитетот откако едно лице ќе ја прими вакцината против ковид-19“, рече тој.

„Ако примите вакцина, заштитени сте, но сепак можете да ја пренесете инфекцијата“, додаде тој.

Слични содржини