
Светската здравствена организација (СЗО) денес ги отфрли како „лажни обвинувањата“ дека не објавувала информации за новиот коронавирус навремено, како резултат на притисок од Кина.
Агенцијата на ООН соопшти дека извештајот на германскиот неделник „Шпигел“ за телефонскиот разговор помеѓу директорот на СЗО, Тедрос Адан Гребрејесус и претседателот на Кина, Си Џинпинг, на 21 јануари е „неоснован и неточен“.
СЗО изјави денес дека Гребрејесус и Си „никогаш не разговарале по телефон“ и дека „ваквите неточни извештаи го спречуваат и го свртуваат вниманието од напорите на СЗО и светот да се стави крај на пандемијата“.
„Шпигел“ објави дека Си го замолил Гребрејесус да не дозволи СЗО да објави дека вирусот поминуваал од личност до личност и да ја одложи изјавата за пандемија.
Во извештајот, германскиот неделник ги цитираше наводите на германската разузнавачка служба БНД, која не сакаше да го коментира тоа денес.
Шпигел изјави дека БНД заклучила дека се изгубени до шест недели во борбата против пандемијата поради кинеската политика.
Во изјавата на СЗО се вели дека Кина го потврдила преносот на коронавирус од човек на човек на 20 јануари, а СЗО два дена подоцна соопшти дека има докази за пренесување од човек на човек во кинескиот град Вухан, но дека се потребни повеќе истражувања.
СЗО прогласи пандемија на коронавирусот на 11 март.