СЗО: Нема причина да не се користи АстраЗенека

од Vladimir Zorba

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека „нема причина да не се користи“ вакцината АстраЗенека откако повеќе европски земји престанаа да ја користат вакцината против коронавирус како превентивна мерка.

– Да, треба да продолжиме да ја користиме вакцината АстраЗенека, нема причина да не ја користиме – рече Маргарет Харис, портпарол на СЗО на брифинг со новинарите во Женева.

Данска, Исланд и Норвешка во четвртокот објавија дека превентивно ќе ја прекинат употребата на вакцината АстраЗенека, а Бугарија го објави тоа еден ден подоцна.

Данската национална здравствена агенција, прва што ја објави одлуката, повика на претпазливост поради „сериозни случаи на згрутчување на крвта кај вакцинирани лица“, иако „во моментов“ не е воспоставена врска помеѓу вакцината и појавата на згрутчување на крвта.

Австрија престана да дава АстраЗенека на почетокот на неделава по смртта на медицинска сестра (49) од „сериозни нарушувања на коагулацијата“ неколку дена по вакцинацијата.

Англо-шведската лабораторија, која ја произведе АстраЗенека, и британската влада истакнаа дека вакцината е „безбедна“ и „ефикасна“.

Портпарол на СЗО истакна дека експертите на таа организација ги проучувале информациите за појавата на згрутчување на крвта, но додаде дека во моментот не е воспоставена причинско-последична врска.

– Мораме да се увериме дека ги проучивме сите безбедносни предупредувања за време на дистрибуцијата на вакцините и да ги прегледаме, но нема индикации дека не треба да ја користиме – додаде таа.

Слични содржини