Претставници на Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопштија дека само 11 болници, или помалку од една третина од сите болници во Појасот Газа, останале делумно функционални и побараа преостанатите болници да останат недопрени.
„За само 66 дена, здравствениот систем премина од 36 функционални болници на 11 делумно функционални болници – една на север и 10 на југ“, рече претставникот на СЗО за окупираната палестинска територија, Ричард Пеперкорн, на онлајн брифинг од Газа.
Тој изјави дека не треба да се изгуби ниту една здравствена установа или болница.
„Се надеваме, се молиме тоа да не се случи“, рече тој, пренесе „Ројтерс“.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека израелските сили влегле во болницата Камал Адван, во северниот дел на Појасот Газа.
„Израелските сили ја напаѓаат болницата Камал Адван, по опсада и неколкудневно бомбардирање“, изјави портпаролот на министерството за здравство Ашраф ал Кудра, објави „Тајмс оф Израел“.
Засега нема коментар од израелските одбранбени сили (ИДФ).
Болницата се наоѓа во близина на населбата Џабалија каде претходните денови се водеа големи борби.
Израел влезе во неколку болници во северниот дел на Појасот Газа, каде, како што соопшти ИДФ, биле пронајдени докази дека тие биле користени како бази и командни центри за милитантите на Хамас.
ИДФ додаде дека ја координирала евакуацијата на тие болници.