СЗО планира намалување на бројот на вработени и обемот на работата поради намалениот буџет

од Даниел Ѓорѓиевски
15 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО) планира да го намали бројот на вработени и обемот на својата работа поради намалувањето на буџетот за повеќе од една петина, што е последица на намаленото финансирање од Соединетите држави, се наведува во интерен меморандум, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од СЗО, тврдејќи дека глобалната здравствена агенција не се справила како што треба со пандемијата на коронавирус и други меѓународни здравствени кризи.

САД биле најголемиот финансиски донатор за СЗО, со околу 18 отсто од вкупното финансирање. Повлекувањето на САД ја влошило финансиската ситуација, бидејќи други членки на организацијата ги намалиле своите придонеси. Соочена со празнина од речиси 600 милиони долари во приходите оваа година, СЗО предложи намалување на буџетот за 2026-2027 година за 21 отсто – од 5,3 милијарди долари на 4,2 милијарди долари.

„Најавата на САД, во комбинација со неодамнешните кратења на официјалната развојна помош во некои земји за финансирање на зголемените трошоци за одбрана, значително ја влоши нашата ситуација“, се вели во писмото на СЗО од 28 март, потпишано од генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус.

Во февруари, извршниот одбор на СЗО првично го намали предложениот буџет за 2026-2027 година од 5,3 милијарди долари на 4,9 милијарди долари. „И покрај нашите најдобри напори, сега сме на точка каде немаме друг избор освен да го намалиме обемот на нашата работа и работната сила“, изјави Тедрос.

СЗО ќе ги намали високите менаџерски позиции во своето седиште во Женева, иако се очекува тоа да влијае на сите нивоа и региони. До крајот на април ќе биде донесена одлука за тоа како да се приоретизираат активностите.

Документите на СЗО покажуваат дека повеќе од една четвртина од нејзините 9.473 вработени се во Женева. Во интерниот меморандум од 10 март се вели дека организацијата започнала да ги поставува приоритетите и најави едногодишно ограничување на договорите со вработените.

Меморандумот исто така укажува на тоа дека персоналот на СЗО работи на обезбедување дополнителни средства од земјите, приватни донатори и филантропи.

Слични содржини