„Омикрон“ варијантата на коронавирусот е пријавена во 89 земји, а бројот на случаи се удвоил за 1,5 до три дена во областите на пренесување во заедницата.
Ова во саботата го соопшти Светската здравствена организација.
„Омикрон“ брзо се шири во земјите со високо ниво на имунитет кај населението, но не е јасно дали тоа се должи на способноста на вирусот да го избегне имунитетот, неговата способност да ја зголеми преносливоста или комбинација од двете, според СЗО.
На 26 ноември, кратко време откако беше првпат откриен, СЗО го идентификуваше „омикрон“ како варијанта за загриженост, а варијантата сè уште не е доволно позната, како и тежината на болеста што ја предизвикува.
„Податоците за клиничката сериозност на „омикрон“ се сè уште ограничени“, соопшти СЗО.
„Потребни се повеќе информации за да се разбере ова, вклучително и колку е доверлив постојниот имунитет“, соопшти СЗО.
Во извештајот се додава: „Достапните податоци се сè уште ограничени и нема потврдени докази за ефикасноста на вакцината или ефикасноста за „омикрон“.
СЗО предупреди дека на некои места болниците би можеле да бидат преоптоварени со толку брз раст на случаите.
„Хоспитализациите во Обединетото Кралство и Јужна Африка продолжуваат да растат, а со оглед на брзиот раст на случаите, можно е многу здравствени системи брзо да се преоптоварат“, заклучува СЗО.