СЗО: Прво вакцинирајте ги старите и лицата изложени на ризик, а потоа децата

од Nikola Popovski
337 прегледи

Светската здравствена организација процени дека вакцинацијата на децата против Ковид-19 не треба да започне се додека сите земји не успеат да ги вакцинираат старите лица и населението во ризик.

„Сакаме повторно да инсистираме на фактот дека приоритет треба да биде да се обезбедат вакцини за сите земји во светот за групите со највисок приоритет, пред да започне вакцинацијата на групи кои имаат многу помал ризик од заразување со оваа болест“, рече др. Кејт О Брајан, директор на одделот за имунизација и вакцини на Светската здравствена организација, на прес-конференција.

Предупредувањето дојде кога Канада ја одобри вакцината Фајзер за адолесценти постари од 12 години, со што стана првата земја што ја одобри вакцината за таа возрасна група.

САД се очекува да ја одобрат истата вакцина за млади следната недела, а Германија најави дека ќе може да им предложи вакцина против Ковид-19 на сите адолесценти над 12 години до крајот на август.

Проширувањето на вакцинацијата до таа возрасна група во богатите земји може да предизвика вакцинирање на милиони повеќе луѓе, што би ја зголемило нееднаквоста во достапноста на вакцините, што е толку осудена од СЗО.

„Откако вакцините ќе бидат дистрибуирани на адекватен и еднаков начин, така што секоја земја ќе добие доволно вакцини за највисоки приоритетни групи, ние ќе бидеме многу среќни да прифатиме употреба на вакцина за младите“, рече О’Брајан.

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејезус, побара членовите на Групата 7 да дадат приоритет на еднаков пристап до вакцината за коронавирус, нагласувајќи дека сегашната состојба е неприфатлива.

„Најважното нешто што сега ни треба е еднаквост во вакцинацијата. Сите знаеме што треба да се направи за да се зголемат производните капацитети, а со тоа и имунизацијата во сите земји“, рече Гебрејезус, додавајќи дека пандемијата одзема 100.000 животи секоја недела.

Слични содржини