Тимот на СЗО, кој има за задача да го испита потеклото на пандемијата на ковид-19 во Кина, се упати кон земјата, но не ги доби потребните одобренија, рече во вторникот Тедрос Аданом Гебреизус, додавајќи дека е „многу разочаран“.
„Денес дознавме дека кинеските власти не ги подготвиле потребните одобренија за доаѓањето на тимот во Кина“, изјави за новинарите Тедрос Аданом Гебреизус.
„Многу сум разочаран затоа што двајца членови веќе тргнаа, а другите не беа во можност да отпатуваат во последен момент“, додаде тој во многу редок остар тон кон Пекинг.
„Контактирав високи кинески официјални лица и повторно појаснив дека оваа мисија е приоритет на СЗО и меѓународната заедница“, додаде тој, додавајќи дека „со нетрпение го очекува почетокот на мисијата што е можно побрзо“.
Станува збор за визите
Шефот на СЗО за итна медицина Мајкл Рајан објасни дека станува збор за визите.
„Се надеваме дека ова е само логистички и бирократски проблем што можеме брзо да го решиме“, рече тој, објаснувајќи дека едниот од двајцата експерти мора да се врати, а другиот чека во трета земја.
Пред нешто повеќе од една година беа откриени првите случаи на коронавирус во областа Вухан, а десет еминентни научници избрани од СЗО треба да заминат во Кина за да се обидат да го пронајдат потеклото на вирусот или да утврдат како тој преминал на луѓето.
Сепак, таа посета е исклучително чувствителна за кинеските власти и тие се обидуваат да избегнат каква било одговорност за епидемијата што однесе повеќе од 1,8 милиони животи ширум светот.