Светската здравствена организација очекува дека руската вакцина против коронавирус „Спутник ве“ (Спутник V) ќе биде вклучена меѓу вакцините што ќе бидат доставени преку програмата Ковакс.
„Се надеваме дека вакцината на Центарот за научно истражување „Гамалеја“ ќе се приклучи на системот Ковакс, под услов да биде вклучена во списокот на лекови што СЗО ги препорачува за употреба во итни ситуации“, објави прес-службата на СЗО.
Вчера во Светската здравствена организација се одржа дискусија за руската вакцина. Уште една расправа е закажана за 15 февруари.
Ковакс е меѓународен механизам лансиран од СЗО заедно со Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација и Коалицијата за иновации во подготвеност за епидемијата. Според условите на програмата, земјите со високи примања плаќаат за набавка на вакцини, со што се субвенционираат т.н. финансирани држави. Досега, Ковакс потпиша договор со „Фајзер / Бионтек“ и „Астра Зенека“.
Да потсетиме, престижното научно списание „Лансет“ соопшти дека Спутник V е безбедна и ефикасна вакцина која обезбедува целосна заштита од тешки случаи на Ковид-19. По повеќемесечно истражување на руски имунолози во кое учествувале 19.866 волонтери, третата фаза заврши со клинички испитувања кои потврдија ефикасност на вакцината од 91,6 проценти.