Стручната комисија на Светската здравствена организација (СЗО) препорача во понеделникот „умерено и значително имунокомпромитирани“ луѓе да добијат дополнителна доза вакцина „Ковид-19“, одобрена од агенцијата на ОН.
Експертите на СЗО сакаа да посочат дека не станува збор за препорака за трета доза за општата популација, за што организацијата продолжува да предлага мораториум до крајот на годината за да се обезбедат дози за земјите со ниски стапки на вакцинација.
„Препораката што сега ја даваме е имунокомпромитираните луѓе да добијат дополнителна доза“ за да го зголемат својот имунолошки одговор на потребното ниво на заштита и со тоа да го спречат развојот на тешка форма на болеста која ќе бара хоспитализација или ќе предизвика смрт, рече др. Кејт О’Брајан, директор на вакцинација на СЗО.
Имунокомпромитирани лица – чиј имунолошки систем е ослабен – беа исклучени од клиничките испитувања во кои беа воспоставени протоколи за вакцинација.
„Оваа трета доза (вакцините одобрени од СЗО се даваат во две дози, со исклучок на Јансен за која е потребна само една) треба да се администрира еден до три месеци по втората“, рече О’Брајан.
Комисијата соопшти дека за лица постари од 60 години, трета доза е потребна за пациенти кои ја примиле вакцината од кинеските компании Синовак и Синофарм. Третата доза може да биде друг вид вакцина, додаде комисијата на прес -конференција.
СЗО издаде одобренија за Модерна и Фајзер/Бајонтек, за две кинески вакцини Синофарм и Синовак, како и за АстраЗенека и Џонсон и Џонсон.