СЗО: Ситуацијата во болниците во Газа е застрашувачка

од Radmila Tasevska
159 прегледи

Координаторот на тимот за итна медицинска помош при Светската здравствена организација (СЗО) Шон Кејси денеска во Газа изјави дека ситуацијата во болниците на палестинската енклава е застрашувачка.

Тој посочи дека здравствените установи во Појасот Газа се преоптоварени, а многу од нив се целосно затворени, пренесе Ал Џезира.

Кејси истакна за катарските медиуми дека непријателствата во енклавата продолжија во последните денови и покрај минатонеделната резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се бара зголемување на хуманитарната помош.

„Ја посетив болницата Ал Акса, во централниот дел на Газа, која претходната ноќ прими повеќе од 100 повредени, а многу од донесените веќе беа мртви“, рече тој.

Тој истакна дека има премногу луѓе во болниците и затоа е многу важно да се спроведе резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која повикува на отворање хуманитарни коридори.

„Ситуацијата е критична и навистина е важно да се реализира, бидејќи гледаме дека многу цивили ги губат своите животи, дека болниците ја губат функционалноста, дека здравствените работници или заминале или не се во можност да се грижат за многу пациенти кои чекаат нивна помош“, рече Кејси.

На 22 декември, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои изменет, ублажен текст на резолуцијата за Појасот Газа, која бараше итно забрзување на испораката на помош за цивилите во палестинската енклава, но од која повикот за „итно прекинување на непријателствата“ меѓу Израел и Хамас е отфрлен.

При гласањето за оваа резолуција, 13 членки беа за, додека САД и Русија беа воздржани. Ублажената резолуција повикува на „итни чекори за веднаш да се обезбеди безбеден и непречен хуманитарен пристап, како и да се создадат услови за одржлив прекин на непријателствата“.

Слични содржини