Тачи бара укинување на таксите: Ги загрозивме нашите односи со САД, доведена е во прашање иднината на земјата

од Nikola Popovski
151 прегледи

Косовскиот претседател Хашим Тачи побара од Владата на Косово итно да се состане и да дејствува во согласност со официјалните барања на Соединетите Американски Држави во врска со целосно укинување на данокот од 100 проценти за стоките од Србија и БиХ.

„Ние ги компромитиравме нашите специјални односи со САД, без кои не би имале ниту слобода, ниту држава, ниту иднина. Овој пристап ја доведува во прашање иднината на нашата држава“, напиша Тачи на Фејсбук.

Реакцијата се појави во истиот ден кога американскиот сенатор од Џорџија, републиканецот Дејвид Перду, изјави дека САД треба да го разгледаат своето присуство на Косово, доколку земјата не е целосно посветена на мирот.

„Повеќе од две децении американските сили помагаат во одржувањето на мирот меѓу Косово и Србија. Сега, со историски напредок на повидок, Косово мора да го изврши својот дел и да стави крај на сите обврски, кои им ги наметнаа на Србија“, додаде Перду во објавата на Твитер.

Истата објава ја даде и синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп помладиот, кој изјави дека се согласил со изјавата и дека е „време да се вратат дома 650 американски војници“.