Во вечерашната емисија Топ Тема, универзитетските професори Сефер Тахири и Самоил Малчески, заедно со политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, дебатираа за актуелната политичка состојба и позицијата на Арбен Таравари.
Професорот Тахири оцени дека Таравари се обидува политички да го искористи моментот за да го оправда својот потег, особено откако пред изборите јавно потврди дека постои договор меѓу албанските партии – услов за влез во идната влада е прифаќање на уставните измени, односно вклучување на бугарската заедница во Уставот како дел од евроинтеграцискиот процес. Тоа, според Тахири, не се реализираше, а Таравари подоцна се обидел да ја ублажи изјавата, но под силен притисок од јавноста и медиумите.
Професорот Малчески, пак, смета дека клучниот проблем лежи во внатрешните односи на коалицијата – Таравари не успеал да се наметне како лидер, туку останал во сенката на Изет Меџити, кој стана прв вицепремиер.
Аналитичарот Атанасовски посочи на необичната ситуација каде една партија практично преминува од власт во опозиција, без јасен и јавен повод за таков пресврт.
Целата ситуација, според соговорниците, е последица на неисполнети политички ветувања и недоверба во коалициските односи.