ТАЈНАТА Е ВО ТУНЕЛИТЕ на Газа: Откриено како Хамас успеал да го изненади Израел

од Stefanija Kuzmanovska
303 прегледи

Мала група оперативци на Хамас испланира ненадејни, смртоносни напади врз Израел со комуникација преку мрежа на телефони поврзани со жица вградени во подземните тунели во Појасот Газа во период од две години.

Телефонските линии во тунелите им дозволувале на оперативците тајно да комуницираат меѓу себе и не можеле да бидат следени од израелските разузнавачи, наведуваат два извора на кои се повикува Си-Ен-Ен.

За време на двегодишното планирање, мала ќелија која оперирала во тунелите ги користела тие телефонски линии за да ја планира операцијата, но ја држела во тајност додека не дојде време да се активира и да повика стотици борци на Хамас да ги извршат нападите на 7 октомври.

Тие избегнувале да користат компјутери и мобилни телефони за да избегнат откривање од израелските или американските разузнавачи.

Хамас го криеше своето планирање на операцијата користејќи стари контраразузнавачки методи и се обидуваше да не користи дигитални комуникации кои би можеле да ги следат Израелците.

САД и Израел беа целосно изненадени од нападите. Стотици екстремисти на Хамас влегоа на јужната израелска територија преку пробиена гранична ограда и убија најмалку 1.400 луѓе, главно цивили.

Си-Ен-Ен разговарал со добро информирани извори, но немал увид до никакви докази, а САД и Израел не одговориле на барањата за коментар за извештајот.

Американската телевизиска мрежа претходно објави дека низата стратешки предупредувања од американски и израелски разузнавачи не ги навеле лидерите на двете страни да ги предвидат настаните од 7 октомври.

Слични содржини