Тајната служба се уште не знае како би го штитела Трам доколку се најде во затвор

од Milan1
488 прегледи

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е прогласен за виновен за кривично дело, што претставува потенцијални предизвици за Тајната служба одговорна за неговата заштита! Досега незамисливото сценарио наскоро би можело да стане реалност.

– За жал, сегашниот закон не предвидува како заштитата на Тајната служба ќе влијае на затворската казна на заштитеното, изјави демократот Бени Томпсон од Комисијата за безбедност на Претставничкиот дом.

Трамп беше прогласен за виновен по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни документи. Обвиненијата се однесуваат на наводните плаќања во пресрет на претседателските избори во 2016 година за купување на молкот на порно актерката Сторми Даниелс за наводната вонбрачна сексуална средба со Трамп во 2006 година.

Трамп ги отфрли сите обвинувања и каква било афера со Даниелс.

Сепак, развојот на настаните покрена голем број прашања, вклучително и како Тајната служба ќе се прилагоди. Агенцијата изјави за Фокс њуз дека исходот од случајот „нема влијание“ врз тоа како Тајната служба ја исполнува својата мисија.

– Нашите безбедносни мерки ќе продолжат да се спроведуваат непроменети, изјави шефот за комуникации на Тајната служба, Ентони Гуглиелми.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, претходно изјави дека притворниот центар и затворот на островот Рикерс се подготвени да го примат Трамп. Не се знае дали ќе биде вдомен сам или со останатите затвореници доколку биде приведен.

– Одделот ќе му најде соодветно домување доколку заврши во нашиот притвор, изјави претходно портпаролот на Одделот за поправки.

„Њујорк тајмс“ објави дека имало дискусии меѓу Тајната служба и другите агенции за спроведување на законот за тоа како да се заштити Трамп ако накратко биде затворен поради непочитување на судот, но предизвикот за подолга затворска казна допрва треба да се реши.

Изрекувањето на пресудата е закажано за јули, меѓутоа, најверојатно ќе следат долга серија жалби од Трамп кои би можеле да одат до Врховниот суд.

АТ Смит, поранешен заменик директор на агенцијата, рече дека Тајната служба нема да дозволи мисијата да биде компромитирана.

– Тајната служба ќе се справи со ситуацијата. Тие ќе работат со своите колеги за да ја исполнат својата мисија, а тоа е заштита на поранешниот претседател, изјави Смит.

Една потенцијална пречка за таа заштита би можела да дојде од Томпсон и демократите кои воведоа законодавство во Домот што ќе стави крај на заштитата на Тајната служба за службеници осудени на затвор.

Нацрт-законот се однесува на можноста дека логистиката на заштитата на Тајната служба ќе резултира со тоа Трамп да добие домашен притвор наместо затвор.

 

Слични содржини