На крајот на јануари, додека неговите платенички сили масовно гинеа во битката за градот Бахмут, сопственикот на паравоената група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, упатил необична понуда до Украина. Пригожин рекол дека ако украинските команданти ги повлечат своите војници од областа околу Бахмут, тие ќе му дадат на Киев информации за позициите на руските трупи, кои Украина би можела да ги искористи за да ги нападне.
Пригожин го пренел предлогот на неговите контакти во украинската воено-разузнавачка администрација, со која одржувал тајни комуникации за време на војната, покажуваат досега непознати документи од американските разузнавачки служби протечени на платформата за групен разговор Дискорд.
Пригожин е во јавен конфликт со руските воени команданти, за кои тврди дека не успеале да ги опремат и да ги снабдат неговите сили, што е од витално значење за воените напори на Москва. Но, тој е и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, кој би можел да ја смета понудата на Пригожин за размена на животите на борците на „Вагнер“ за руски војници како предавство, пишува „Вашингтон пост“.
Протечениот документ не појаснува кои позиции на руските војници Пригожин понудил да ги открие.
Киев ја одбил понудата на Пригожин
Двајца украински функционери потврдија дека Пригожин неколку пати разговарал со украинската разузнавачка служба позната како ХУР. Еден од нив рече дека Пригожин неколку пати дал понуда во врска со Бахмут, но дека Киев ја одбил затоа што властите немаат доверба во Пригожин и веруваат дека неговите предлози може да бидат неискрени. Еден американски функционер, исто така, предупреди дека во Вашингтон има слични сомнежи за намерите на Пригожин.
Во неодамнешното интервју за „Вашингтон пост“, украинскиот претседател Володимир Зеленски не сакаше да ги потврди контактите со Пригожин:
„Ова е прашање на военото разузнавање“, наведе Зеленски тогаш.
Украинскиот лидер, исто така, се спротивстави на јавното објавување на доверливи информации и рече дека верува оти истекувањето би било од корист за Русија.