Само неколку дена пред Азербејџан да ја започне воената офанзива минатиот месец за да ја преземе отцепената територија контролирана од етничките Ерменци, највисоките функционери на САД и ЕУ се состанале со нивните руски колеги на тајни, итно организирани разговори во Турција со цел да се реши конфликтот околу Нагорно-Карабах.
Иако на крајот без резултати, оваа средба одржана надвор од очите на јавноста е невообичаен контакт меѓу Москва и Западот поради големиот безбедносен проблем, имајќи предвид дека по избувнувањето на војната во Украина во 2022 година, редовна дипломатска комуникација меѓу Москва и Западот беше прекината, пренесува „Политико“.
Висок дипломат запознаен со содржината на разговорот потврдил за американскиот портал дека средбата била одржана на 17 септември во Истанбул како дел од напорите да се изврши притисок врз Азербејџан да ја прекине деветмесечната блокада на Нагорно Карабах и да дозволи премин на конвоите на хуманитарна помош од Ерменија.