Боксерската легенда Мајк Тајсон (58) изјави дека е здрав и подготвен за борбата против блогерот Џејк Пол на 15 ноември. Двајцата разговараа со новинарите на заедничката прес-конференција во Њујорк (САД).
Борбата првично беше закажана за 20 јули, но беше одложена откако поранешниот професионален боксерски шампион во тешка категорија имаше влошување на препоните и му требаше период на одмор.
„Железниот Мајк“, кој има 50 победи, од кои 44 со нокаут и само 6 порази, беше еден од најстрашните боксери во тешка категорија во историјата, но професионално не се бори од 2005 година.
На прашањето зошто се враќа во рингот по завршувањето на неговата активна натпреварувачка кариера, одговорот на Тајсон беше категоричен: „Затоа што можам. Кој друг може да го направи тоа ако не јас? Имаме Јутјубер кој ќе се бори со најголемиот боксер што некогаш живеел“.
“Можеби бил во рингот со луѓе со слични намери, но во реалноста – не. Откако ќе го фатам, ќе биде готово, и тој ќе избега. Ќе избега како крадец”, додал Мајк Тајсон.
Џејк Пол, кој беше исвиркан од публиката изјави дека ќе го заспие Тајсон.
„Тука сум да освојам 40 милиони и да нокаутирам легенда. Го сакам Мајк и го почитувам, но веќе не сме пријатели до 15 ноември“, рече Пол и на прашањето дали се плаши да зачекори во рингот против Тајсон, Пол саркастично одговори: „Преплашен сум“.
Јутјуберот, кој веќе извесно време се занимава со бокс, има 27 години и 10 победи и 1 пораз.
Натпреварот ќе се емитува во живо низ целиот свет преку платформата „Нетфликс“ и ќе се одржи на стадионот AT&T со 80.000 седишта во Арлингтон, домот на Далас каубојс од Националната фудбалска лига (НФЛ).