ТАЈВАН ја повика Кина да ги „почитува резултатите од претседателските избори“ на кои победи Лаи Чинг-те еден ден претходно и рече дека ќе се брани од заканите за повторно обединување. „Министерството за надворешни работи ги повикува властите во Пекинг да ги почитуваат резултатите од изборите, да се соочат со реалноста и да се откажат од репресијата на Тајван“, се вели во соопштението за печатот на тајванското министерство.
Тврдејќи дека добил честитки од „повеќе од 50 земји, вклучително и 12 дипломатски сојузници“, Министерството ги осуди „апсурдните и погрешни коментари“ на кинеските власти. Во исто време, кинеската амбасада во Јапонија го изрази своето „одлучно противење“ на изјавата на јапонската министерка за надворешни работи Јоко Камикава, во која таа му честиташе на новоизбраниот претседател на Тајван, Лаи Чинг-теи.
Во изјавата објавена вчера на веб-страницата на јапонското Министерство за надворешни работи, по објавувањето на резултатите од претседателските избори во Тајван, Камикава му честиташе на Лаи за неговата победа, нарекувајќи го самоуправниот остров за кој Пекинг има претензии „исклучително клучен партнер и важен пријател“.
Како одговор, кинеската амбасада во Јапонија, без да го спомене Лаи или да ја признае неговата победа, ги опиша коментарите на Камикава како „сериозно мешање во внатрешните работи на Кина“, се вели во соопштението објавено на официјалниот профил на амбасадата WeChat.
Претходно денеска, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи објави на мрежата X: „Какви и да се промени се случија во Тајван, нема да се промени фундаменталниот факт дека има само една Кина во светот и дека Тајван е дел од таа Кина“.
Од вчера вечерта, Кина, која смета дека Тајван е една од нејзините провинции и дека повторно треба да биде обединета и на сила доколку е потребно, потврди дека гласањето „нема да го спречи неизбежниот тренд на повторно обединување со Кина“.
„Ние цврсто ќе се спротивставиме на сепаратистичките активности насочени кон независноста на Тајван, како и на странското мешање“, предупреди Чен Бинхуа, портпарол на кинеската Канцеларија за односи со Тајван.
Лаи Чинг-те (64) победи на претседателските избори во еден круг со 40,1 отсто од гласовите. Тој ќе ја преземе функцијата на 20 мај, заедно со неговиот потпретседател Хсија Би-ким, поранешен претставник на Тајпеј во Вашингтон.
Доаѓајќи од Демократската прогресивна партија (ДПП) како претседателката во заминување Цаи Инг-вен – која не можеше да се кандидира за реизбор по два мандати – Лаи Чинг-те вети дека ќе го „заштити Тајван од постојаните закани и заплашувања на Кина“.