Тајван тврди дека 68 кинески воени авиони изведуваат вежби во Тајванскиот теснец

од Nikola Popovski

Министерството за одбрана на Тајван денеска соопшти дека вкупно 68 кинески воени авиони и 13 бродови на морнарицата изведуваат вежби во чувствителниот тајвански теснец и дека некои од нив „намерно“ преминале на таканаречената „средна линија“, територија која во пракса се смета за линија на разделување, пишува британски Гардијан.

Во соопштението, Министерството ја осуди Кина, наведувајќи дека нејзините вооружени сили „сериозно ја оштетиле“ моменталната ситуација и го „нарушиле“ водениот и воздушниот простор на Тајван.

Министерот за надворешни работи на Тајван Џозеф Ву на Твитер напиша дека „Кина извршила рекордни 68 летови со воени авиони и испратила 13 воени бродови околу Тајван“.

„Многу од нив ја преминаа средната линија на теснецот за да симулираат напади. Оваа опасна ескалација на воената закана ги уништува мирот и стабилноста во регионот и мора да биде осудена“, напиша тој.

Денеска Кина продолжи со воените вежби во близина на Тајван по посетата на американската политичарка Ненси Пелоси на овој остров.

Кинеската војска соопшти дека спровела воздушни и поморски борбени вежби на север, југозапад и исток на Тајван и продолжува да ги „тестира заедничките борбени способности на војниците“.

Слични содржини