„Пратеник кој ги лажел граѓаните со години, кој се уште не ја зборува вистината пред нив, не е достоен да биде народен претставник. Пред народот, Антонијо Милошоски мора да понесе морална одговорност за скандалот, потврден од јавно објавени документи, да им се извини на граѓаните и да поднесе оставка“, изјави денес на прес-конференција пратеникот од СДСМ, Миле Талески.
Според него, голем е срамот за Милошоски, за неговиот Христијан Мицкоски, за пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Еве еден од јавно објавените документи. Листа од казнена евиденција за лицето Антонијо Милошоски. Јасно стои дека Милошоски бил осуден и казнет во Германија за сторени кривични дела „Кражба“ и „Фалсификување на исправи“. Замислете „кражба“, „фалсификување“. Па со кое лице Милошоски ќе зборува во Собранието, со кое лице ќе им излезе пред очи на граѓаните? А овде во Собранието полна уста кога треба да се кочат закони од интерес на граѓаните. Тоа се политиките на Христијан Мицкоски, лага до лага, блокада по блокада, затоа стои во негова одбрана, во одбрана на главниот дезинформатор овде во Собранието. После сите скандали, после сите лажни вести и дезинформации, после сите пресуди во Германија и тековни обвиненија пред домашните судови, Милошоски треба да си даде оставка. Како морален чин, да покаже барем минимална почит пред граѓаните, да запре ова девалвирање на пратениците и македонското Собрание“, истакна Талески на прес-конференцијата.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски пред 17 години во Германија бил осуден и казнет на 20 дневни глоби со парична казна од 20 евра за делата “добивање придобивки со измама” и “кражба и злоупотреба од мала вредност”. Ова го покажува документот напишан на германски јазик кој го објави порталот А1-он во кој стои дека Основниот суд во Ахен во 2004-та година донел пресуда дека Милошоски сторил дело, кое во тамошниот правен систем е заведено како “добивање придобивки”.