Талибанците го освоија Авганистан со огромна брзина: „Кабул може да падне за 90 дена“

од Vladimir Zorba
135 прегледи

Талибанците би можеле да го изолираат Кабул за месец дена и да го освојат за 90, изјави американски претставник кој работи во министерството за одбрана за Ројтерс, повикувајќи се на разузнавачка проценка.

Талибанците освоија осум провинциски главни градови во Авганистан за шест дена, со брзина што ги изненади американските власти.

Талибанците сега контролираат 65 проценти од авганистанската територија и се закануваат дека ќе освојат уште 11 провинциски центри, изјави во вторникот европски претставник.

Американската разузнавачка заедница до минатиот месец предупредуваше дека авганистанската влада може да падне за помалку од шест месеци.

Американски официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека новата проценка е направена откако Талибанците освоија големи делови од Авганистан со изненадувачка брзина.

„Но, тоа не е конечниот заклучок“, рече тој, нагласувајќи дека авганистанските сили имаат шанса да го запрат упадот на Талибанците.

Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот изјави дека не жали за одлуката за повлекување на американската војска од Авганистан по повеќе од 20 години, велејќи дека авганистанската војска има многу повеќе војници од Талибанците и дека треба „да се сака да се бори“.

САД ги повлекоа сите војници од Авганистан, освен оние што ја штитат американската амбасада и аеродромот во Кабул. Воената мисија таму официјално завршува на 31 август.

Слични содржини