323
Последниот американски војник синоќа го напушти аеродромот во Кабул, а Авганистан сега конечно стана слободен и се здоби со целосна независност, изјави портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид.
Претходно, командантот на американската централна команда, Кенет Мекензи, објави дека последниот американски воен авион го напуштил Кабул, со што завршила најдолгата американска војна, која траеше нешто помалку од 20 години.
Портпаролот на канцеларијата на Талибанците во Катар, Мохамад Наим, исто така, им честиташе на граѓаните на Авганистан за прекинот на странското воено присуство во земјата, пренесува ТАС С.
– Честитки за целиот наш народ, за сите наши борци. Денес, сите странски сили ја напуштија нашата света земја – објави тој на Твитер.