Авганистанскиот главен град е последниот голем град кој го држат владините сили, откако сите други клучни градови паднаа пред офанзивата на талибанците, пренесува „Дојче веле“.
Талибанците, исламистичка милитантна група која окупираше големи делови на Авганистан, почнаа во неделата да влегуваат во предградието на Кабул, соопштија локалните власти. Во главниот град на Авганистан се слуша пукање и сирени.
Талибанците почнаа да влегуваат во Кабул од сите страни, соопшти авганистанското Министерство за внатрешни работи.
Од друга страна, Али Матин Бек, шефот на кабинетот на авганистанскиот претседател Ашраф Гани, напиша на социјалните мрежи: „Не кревајте паника! Кабул е безбеден!“.
Талибанците им порачаа на своите борци да се воздржат од вршење насилство во Кабул. Им беше кажано да дозволат безбеден премин за секој што ќе одлучи да замине, ја пренесе „Ројтерс“ пораката од водачот на талибанците во Доха. Тој, исто така, побара жените да бидат испратени во заштитените подрачја, пренесува Би -Би -Си.
Талибанците започнаа офанзива пред речиси две недели, заземајќи ги клучните градови, помали градови и гранични премини.
Движењето во Кабул дојде откако меѓународните сили се подготвуваа да ги евакуираат своите дипломати во услови на влошување на смртоносната ситуација, пренесува ДВ.
Претставници на американските разузнавачки служби претходно оваа недела рекоа дека веруваат дека може да потрае дури три месеци за талибанците да го заземат главниот град на Авганистан.