„Талир 2“: Утре ќе биде познато дали ќе се конфискува седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
260 прегледи

Утре во 12:30 часот, во Основниот кривичен суд Скопје ќе биде објавена пресудата за случајот „Талир 2“. Случајот се однесува на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

Во своите завршни зборови, адвокатот Горан Каркински, кој беше назначен по службена должност да го брани првоообвинетиот Никола Груевски изјави дека Обвинителството не презентирало ниту еден доказ, или сведок, за тоа за што го обвинува екс-премиерот кој е во бегство.

Обвинителот во своите завршни зборови изврши измена на обвинението на кое не ни беше дадена можност за приложување на нови докази заради побивање на нивните тези што секако е повреда на постапката.Со тоа ја поткрепи тезата дека обвинението целосно е паушално и нереално, наведе Каркински.

Исто така утре ќе биде познато дали Кривичниот суд со првостепената пресуда ќе одлучи да го конфискува седиштето на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Во „Талир 2“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Предметот го води судијката Даниела Алексовска Стојановска, а застапник на обвинението е обвинителката Ленче Ристовска.

Слични содржини