По минатогодишниот саем на вино во рамките на Отворен Балкан, кој се одржа во Белград, вчера во Скопје се одржа уште еден најголем регионален саем за вино „Винска визија на отворениот Балкан“, во организација на Министерство за земјоделство, во соработка со релевантните министерства на Србија и Албанија.
Со цел да се зајакне потенцијалот на овој заеднички регионален потфат, меѓу саемите, земјите членки на Отворен Балкан организираат саемски промоции низ целиот регион.
Српската министерка за земјоделство, Јелена Танасковиќ говореше на денешниот настан на кој беше државниот врв на Северна Македонија. Таа ги покани сите да дојдат во Белград на Саемот на вино кој годинава ќе се одржи од 16 до 19 ноември.
– Ги поканувам сите што се занимаваат со вино и откупувачи, односно сите што учествуваат во производството и маркетингот на вино, да дојдат и да го посетат Белград. Да ги надминеме бројките што ги постигнавме минатата година, кои се значајни, преку 20 земји и над 350 учесници. За нас тоа е повеќе од саемски настан – рече српската министерка.
Таа додаде дека Србија се труди Отворениот Балкан и во него „Винската визија на отворениот Балкан“ да функционира уште поамбициозно и секоја година да има уште поголем собир.
– Ќе го цитирам мојот претседател кој сака да каже дека Отворениот Балкан покажа како Србија, Северна Македонија и Албанија можат да му покажат на светот колку можат заедно. Сигурна сум дека веќе покажавме дека заедно не сме само адекватни партнери кои имаат што да покажат. Србија е партнер кој е многу сериозен во тоа што го работи и од година во година презема сериозни чекори за преминување на границите – истакна Танасковиќ.