Таравари: 95% од вработените во институциите се Македонци, а само 5% Албанци

од Nikola Popovski
34 прегледи

„Единствената грешка што ја направивме како ВЛЕН беше што со ВМРО-ДПМНЕ брзо станавме владина коалиција и со единствен услов европскиот пат“. Оваа изјава доаѓа од лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

„Договорот со ВМРО беше брзо постигнат за коалицијата и функционирањето меѓу ВМРО-ВЛЕН во Владата. Нашиот единствен услов беше почеток на преговори со ЕУ за шест месеци, односно до Нова година. Тоа не беше постигнато, но дадовме уште една шанса и разговаравме со премиерот“, изјавил синоќа Таравари за косовската „Канал 10“.

Во меѓувреме, додаде Таравари, Балансерот беше отстранет.

„Тука не беше вината на ВЛЕН. Ние преговаравме со ВМРО за закон за фер и соодветна застапеност. Тој закон требаше да биде воведен некаде во ноември или декември 2024 година. Денес е 10 јуни и тој закон сè уште не е воведен. Во меѓувреме, имавме ветувања од премиерот Мицкоски дека ќе го донесеме законот за една недела, две недели бидејќи ние како АА имавме готов материјал за тој закон. Арбен Фетаи и Изет Меџити преговараа и ја водеа работната група. Но, тоа не се случи и не се појавивме сериозно пред луѓето. Кога новинарите нè прашаа кога ќе го воведеме законот, ние, врз основа на ветувањето на премиерот, рековме за една или две недели. Сега, доаѓајќи во Приштина, слушнав дека премиерот рекол дека наскоро ќе го ставиме во собраниска процедура, што ме радува, но под услов овој закон да биде испратен до Венецијанската комисија, која ќе го одложи законот за 6 до 12 месеци“, додал лидерот на едното крило на АА.

Тој објаснил дека во институциите се отвораат стотици работни места, а пропорцијата на застапеност е некаде околу 5% Албанци и 95% Македонци.

„Ова е скандалозно и ако останевме во ВЛЕН и во Владата, како ќе ги поминеме локалните избори кои се на 12 или 19 октомври и како ќе им кажеме на граѓаните да гласаат за нас?!“, прашал Таравари.

Слични содржини