Таравари: Албанската опозиција доби над 25% повеќе гласови од ВЛЕН

„За жал нема подготвеност за уставни измени, што значи дека се оддалечуваме од европскиот пат“, порача Таравари

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Фејсбук

Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во интервју за албанската „А2 Си-Ен-Ен“, ги коментираше резултатите од првиот круг од локалните избори, нагласувајќи дека опозицијата од албанскиот блок била значително посилна од владејачкиот табор.

„Без сомнение, ако ги собереме гласовите од листите зa советници и за членови на Советот на Град Скопје , Националната алијанса за интеграција (НАИ) има 25% повеќе гласови од владината коалиција, ВЛЕН.

Ако го анализираме и бројот на гласови што ги добиле кандидатите за градоначалници од НАИ, таму имаме и над 20% повеќе гласови од ВЛЕН, иако владејачката ВЛЕН во првиот круг за градоначалници доби гласови и од македонските партии што се дел од владата, особено од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Значи, без сомнение, албанската опозиција доби над 25% повеќе гласови од албанската владина коалиција. Иако, реално, очекувањата од Националната алијанса, но и анкетите, покажаа дека соодносот би бил 1,8 спрема 1, а не 1,25 спрема 1, а некои анкети дури и 2 спрема 1“, вели Таравари.

Според него, резултатот од првиот круг јасно покажува дека албанската опозициска сила добива на поддршка и доверба кај граѓаните, додека вториот круг се очекува да го потврди овој тренд.

Екс-министерот зборувал и за политичките и националните предизвици со кои се соочува земјата. Тој нагласил дека, покрај локалните прашања, во изборната кампања доминирала загриженоста за стагнацијата на процесот на европска интеграција на Македонија.

„Нашите кандидати за градоначалници ги имаа своите изборни програми и ветуваа дека ќе ги исполнат сите ветувања дадени на граѓаните, но ние како политички лидери имаме обврска да се осврнеме и на националните прашања.

Изборите беа за локалните самоуправи, но се дискутираше и за националните прашања. Беше неизбежно да не се дискутира за губењето на патот на оваа влада кон членство во Европската Унија. Во текот на целата кампања, ова беше главниот вокабулар што го користев јас лично, како и коалициските партнери во НАИ.

Сериозно сме загрижени, бидејќи гледаме дека во сите регионални и стратешки случувања е важно Албанија, Црна Гора и Северна Македонија заеднички да ги завршат разговорите и да станат полноправни членки на ЕУ до 2030 година.

Ако го прочитате најновиот извештај на Европската Унија за Македонија, ќе видите дека извештајот е разочарувачки и е најлошиот што сме го добиле во последните 15 години. Исто така, се споменува влијанието на „српскиот свет“ во управувањето со Македонија, и тука не мислам на албанските партии, туку на македонските партии што ја водат владата – и ова е навистина многу, многу загрижувачко.

Македонија не треба да ја изгуби трагата со Албанија и Црна Гора, но е неопходно да се спроведат уставните измени како услов за започнување преговори со ЕУ. За жал, не само што нема подготвеност, туку всушност се оддалечуваме од европскиот пат“, изјавил лидерот на едното крило на АА.

Слични содржини