Таравари: Алијанса не е такси за превоз ниту чамец за спасување

од Nikola Popovski
956 прегледи

Министерот за здравство, Арбен Таравари и предводник на едното крило на Алијансата за Албанците, реагираше преку Фејсбук во врска со вчерашните политички случувања. Тој вели дека неговата партија ја сфаќа судбината на луѓето посериозно отколку другите и става до знаење дека АА не презема никакви потези за задоволство или гнев на никого.

„Изјавуваме дека ја гледаме судбината на овој народ посериозно отколку само конкретни имиња и дека сме ослободени од нивните комплекси, кои се трансформирале во Едипов комплекс. Ние не правиме никакви потези за ничие задоволство или лутина!

Дури и оние што даваат пророштва во наше име, како Баба Ванѓа, треба да се занимаваат со пообјективни работи отколку со „предвидување на иднината“.

Ние не сме ниту такси што нè користат за превоз, а потоа ни ги одземаат клучевите, ниту чамец за спасување за имиња и презимиња. Ние сме Алијансата за Албанците, работиме само во интерес на народот“, се вели во реакцијата на Таравари.

За денеска е најавена средба меѓу Таравари и премиерот Христијан Мицкоски. На неа, премиерот ќе бара дециден одговор во која насока оди коалицискиот партнер АА. За него е неприфатливо ако Таравари одлучи да поддржи кандидати на ДУИ на локалните избори.

И додека шефот на интегративците, Али Ахмети се заканува дека ќе излезе на протести, премиерот му порачува да не живее во минатото, туку да гледа во иднината и да направи реформи во својата партија.