Таравари: Алијанса за Албанците нема намера да стане дел од Европскиот фронт

од Nikola Popovski
682 прегледи

Се поизвесно е дека Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари ќе делува од опозиција, а финалната одлуката за напуштање на Владата, треба да ја донесе партиското раководство. Во меѓувреме и министерот за здравство и премиерот потврдија дека ќе имаат уште една средба нареднава недела на која ќе ги си ги разменат ставовите и ќе се донесе финална одлука.

Во меѓувреме, Таравари, објави дека партијата што ја предводи нема намера да стане дел од политичката коалиција „Европски фронт“ која ја предводи ДУИ. Тој нагласи дека АА ќе излезе со посебни листи за советници на изборите и дека нема да се придружи на ниту една друга политичка групација во овој поглед.

„Алијансата за Албанците не планира да стане дел од Европскиот фронт. Ќе одиме на избори со посебни листи за советници. Да станеме дел од Европскиот фронт – во никаков случај, ние дури и не разгледуваме таква можност“, порача Таравари.

Истакна дека ги почитува политичките субјекти кои се дел од таа коалиција, посакувајќи им успех во нивните политички активности.

„Оние што се таму, нека продолжат, им посакувам успех“, кажа лидерот на едното крило на АА.

По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека неделава ќе одржи средба со владиниот партнер Таравари за да му се заблагодари за учеството во Владата, се огласи и Изет Меџити од ВЛЕН со порака дека конечно паднале маските. Тој додаде дека промената продолжува без лажни херои за еднократна употреба.

„Протагонистите од латино серијата јавно го признаа она што го кажав многу пати досега: дека цело време имале таен договор за соработка. Протагонистите на серијата наречена „Падот на владата“ не успеаја. Ниту бомбастичните говори, ниту жртвите, ниту сервилноста, ниту патриотизмот со тапани не помогнаа“, сподели вицепремиерот на својот Фејсбук профил.

Слични содржини