Таравари апелира да не се објавуваат фотографии и видеа од повредените пациенти

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Министерот за здравство, Арбен Таравари апелираше до медиумите да не објавуваат фотографии и видеа од повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Во овие тешки времиња, наш најголем приоритет е грижата за повредените и поддршката на нивните семејства. Длабоко ја цениме вашата посветеност за информирање на јавноста и ви благодариме за солидарноста и одговорноста што ја покажавте. Меѓутоа, во духот на емпатијата и етичките стандарди, ве молам да ја почитувате приватноста и достоинството на жртвите и да не објавувате само нивни фотографии и снимки кои можат да предизвикаат болка кај нивните семејства, но и да влијаат на закрепнувањето на повредените“, побара Таравари.

Тој упати искрен апел за одговорно известување, кое ќе стави акцент на поддршката и помошта за оние на кои им е најпотребна.

„Верувам во вашата професионалност и чувствителност во известувањето за оваа трагедија“, наведе министерот во објавата.

Во пожарот што ноќта меѓу саботата и неделата избувна во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 59 лица, а повеќе од 150 се повредени, од кои четириесетина се здобија со многу тешки телесни повреди.

Таравари денеска ќе замине во Бугарија за да ги посети згрижените пациенти.

Потпаролката на Владата, Марија Митева вчера нагласи дека семејствата не треба да бидат загрижени за финансиски трошоци и логистика во овие критични моменти. Владата ќе обезбеди поддршка, овозможувајќи им да бидат блиску до своите најблиски. За координација и повеќе информации, тие можат да се јават на телефонот 070 270 370. Владата донесе одлука да соработува со Црвениот крст на Скопје за управување со официјалната сметка за донации за настраданите. Оваа мерка е донесена со цел да се обезбеди брза и транспарентна дистрибуција на помошта, како и да се спречат можни злоупотреби.

Слични содржини