По официјализирањето на кандидатурата на Невзат Бејта како кандидат на ВЛЕН за Гостивар за локалните избори, реагираше и лидерот на едното од трите крила на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.
Во кратка објава на социјалната мрежа Фејсбук, тој напиша: „Ако ВЛЕН како целина може да се идентификува со една личност, без сомнение ова би бил Невзат Бејта“, напиша Таравари.
Потсетуваме дека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, во Гостивар ќе истрча со Валбон Лимани, кој победи на изборите, но не го достигна потребниот цензус.
Бејта официјално ја објави својата кандидатура за градоначалник на Гостивар на повторените локални избори, со што ќе се обиде да го освои третиот мандат. Тој синоќа на својот Фејсбук-профил соопшти дека ќе биде кандидат поддржан од коалицијата ВЛЕН.
Бејта има долга политичка кариера, во која двапати бил градоначалник на Гостивар (2005–2009 и 2013–2017). Бил и пратеник од редовите на ДУИ, потпретседател на партијата и министер за локална самоуправа. На локалните избори во 2021 година повторно беше кандидат на ДУИ, кога негов противкандидат беше токму Таравари.
Со објавата на Бејта, тој станува вториот официјален кандидат во трката за градоначалник на Гостивар, по Лимани, кој вчера ја поднесе својата кандидатура до ОИК.