На партиски собир во Гостивар, лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари обзнани дека Валбон Лимани е официјален кандидат на партијата за градоначалник на Гостивар.
„Ви кажувам од тука – Валбон Лимани е кандидатот. Тој ќе биде новиот градоначалник на Гостивар“, изјави Таравари.
На истиот собир, тој јавно ги предизвика двајца од неговите поранешни соработници, министрите Азир Алиу и Арбен Фетаи, поканувајќи ги да се докажат во изборни дуели во симболични области за Албанците.
„Едниот нека се кандидира во Гостивар, а другиот во Липково. Ако едниот добие над 1.000 гласови, ќе се повлечам од политиката“, рече Таравари, доведувајќи ја во прашање поддршката од јавноста што ја уживаат.
Претседателот на едното крило на АА не заборави да им се заблагодари на пратениците кои, според него, останале лојални на партијата и, како што вели, националната кауза
„Братска благодарност до Садик, Ријат и Халил кои не нè предадоа, туку застанаа во одбрана на нашата национална кауза“, истакнал Таравари.
Лимани моментално е вршител на должноста градоначалник на Општина Гостивар.