Лидерите од здружената албанска опозиција, позната како Европскиот сојуз за промени, вечерва повторно се сретнале со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, но за разлика од последната средба, присуството било збогатено и со претседателот на Алијанса на Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.
-Преку пријателски разговор, дискутирајќи за политичките случувања во нашите земји, разговаравме и за новите можности за соработка насочени кон унапредување на позицијата на Албанците во РС Македонија и заедничката европска перспектива, објави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
На средбата присуствувал и претседателот на косовското собрание, Глаук Коњуфца.
-Во братска средина разговаравме за политичките случувања во нашите земји, соработка која ќе придонесе за унапредување на позицијата на Албанците во Северна Македонија, како и економскиот развој на двете земји и факторизација на Албанците во регионот. Заедно не чека голема работа и обврски, навел претседателот на Демократското движење, Изет Меџити.
Самото присуство на Таравари претставува изненадување за јавноста и засега не е познато во кое својство бил и лидерот на АА.
На средбата присуствувал и Беќим Ќоку, кој е советник на Курти, но е од Струга и порано бил член на ДПА и на Алијанса за Албанците. Ќоку е сега член на Самоопределување на Курти и токму тој е мостот за поврзвување со опозициската коалиција.
Од ЕСП претходно тврдеа дека заедно со Самоопределување ќе одат на избори. Но претседателот на оваа партија, Курти, кој пред една недела беше во Скопје, не спомна некаква соработка со некоја партија од Македонија.
Лидерите на ЕСП минатата недела беа во САД, додека доаѓањето на Курти во Скопје го искористи Таравари, кој беше виден како разговара со него и со премиерот на Албанија, Еди Рама. Не се знае дали се разговарало за одлуката на АА, за тоа како да оди на избори, самостојно, со ДУИ или со ЕСП. Сепак, Таравари изјави дека одлуката ќе биде донесена до крајот на месецот.