Поставувањето на Бојан Христовски на чело на АНБ е личен избор на премиерот Христијан Мицкоски. Коалицискиот партнер Таравари ја потврдува во целост опасната партизација на АНБ, велат утрово од СДСМ за изборот на нов прв човек на една од водечките безбедносни институции во земјава.
Според СДСМ, „Мицкоски сака свој човек кој во целост ќе го контролира и ќе му служи само на него и на ДПМНЕ“. Од партијата посочуваат дека Христовски во едно интревју самиот призна дека нема безбедносен сертификат „Државна тајна“ а барањето за ваков сертификат го поднел дури откако беше назначен на директорската позиција.
-Не е потврдено ниту дали Христовски има вистински документ за соодветно познавање на Англиски јазик. Затоа што документот што го приложил е од училиште во Пловдив Бугарија а во Пловдив воопшто нема TOEFL центар за тестирање, рекоа од партијата на Венко Филипче и уште еднаш побараа разрешување на Христовски и поставување на нов прв човек на АНБ.
Таравари вели дека не бил консултиран и дека изборот на директор на АНБ е на премиерот Мицкоски.
-Немам точни информации засега. Читав нешто по медиуми и по портали, меѓутоа не мора да значи дека сите тие информации се веродостојни. Ни требаат информации да собереме од сите страни и да се разговара. Ако е добро како решение, треба да продолжи. Ако не е добро, повторно премиерот треба да одлучи. Таму не смее да биде партиски човек. Генерално, гледам дека премиерот наоѓа решенија кои се релативно прифатливи, генерално зборувам, не велам стопроцентно, така што ќе видиме, ќе разговараме повторно, да ги добиеме сите информации, изјавил еден од лидерите на ВЛЕН во емисијата „360 степени“.
Христовски во неделата информира дека ги поседувал сите безбедносни сертфикати, до сертификатот „Државна тајна“ до 2019 година. Во емисијата „Код“, тој посочи дека во тоа време поради политичка хајка не му бил продолжен новиот безбедносен сертификат.
-По моето повторно вработување во МВР во 2023 година, аплицирав за безбедносен сертфикат од степен „строго доверливо“ и за експресно брзо време го добив. Со моето доаѓање во АНБ, веднаш отпочнав постапка за побарување и добивање на највисокиот степен на квалификација „Државна тајна“, согласно потребите на работното место. Безбедосната проверка за директорската позиција беше извршена за време на моето работење во МВР, кажа Христовски.
По целосната партизација од страна на СДСМ на безбедносните служби, следи нивна професионализација, став на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата изминативе седум години во клучните служби кои се од суштинска важност за безбедноста на државата на раководни места биле назначувани партиски послушници.
Христовски е поранешен припадник на УБК кој по формирањето на новата АНБ не беше вработен во Агенцијата откако не му беше издаден безбедносен сертификат. Образложението за одземање на сертификатот беше учество на неговиот татко во протестите против Преспанскиот договор и сомнежи за руско влијание. И Христовски и неговиот татко ги негираа обвинувањата и тврдеа дека се измислици на поранешната власт за да го елиминираат од службата.
Христовски потоа поднесе тужба за одземањето на сертификатот, а Управниот суд донесе одлука дека му е одземен незаконски и тој повторно го доби по што доби со друга судска одлука е вратен на работа во МВР. Вработените во МВР исто така не смеат да бидат партиски членови.
Христовски беше и директор на Јавното Претпријатие Градски Паркинг во Скопје, а позицијата ја напушти по разделбата на ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска.