Таравари: Јован влегувал повеќе од 20 пати во дискотеката за да помогне на заробените

од Nikola Popovski
454 прегледи

Министерот за здравство, Арбен Таравари објави статус на социјалните мрежи за младиот Јован Костадинов, херојот кој спаси 21 живот во трагедијата со пожарот во Кочани. Тој ја напуштил Клиниката за токсикологија и бил испратен на домашно лекување. Таравари објасни дека Јован влегувал повеќе од 20 пати во дискотеката, за да помогне на оние што биле заробени во пламените.

-Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце, стои меѓу другото во објавата на првиот човек во македонското здравство.

Несебичната пожртвуваност на Јован денеска со аплауз и насмевки ја наградија неговите соученици и професори од гимназијата „Ванчо Прке“ од Виница. Горди се, велат, што постои таков меѓу нив. Го пречекаа во училишниот двор, а доби и подароци од дел од нив.

Јован остана седум дена во Токсикологија поради долгата изложеност и вдишување на чад.

После ужасната ноќ Јован го минува првиот ден во училиштето со своите другари. И таму веќе се распоредени психолози кои ќе може да помогнат да се врати во реалноста.

-Од денес хероите имаат име – Јован Костадинов! Денес учениците и професорите од нашето училиште му приредија дочек на јунакот. Јован е матурант во класот 4-6 сообраќајна струка-шпедиција, со класен раководител Моника Маркова. Несебичноста, пожртвуваноста, солидарноста и човекољубието се дел од нашите ученици. Вредностите коишто ги поседуваат се херојски видливи и за навек запаметени. Јован, биди здрав, среќен и продолжи со хуманоста – се гордееме со тебе, објавија од средното училиште во Виница.

Слични содржини