Таравари: Курти беше политичкиот архитект на ВЛЕН, без неговите гаранции немаше да се приклучам

од Nikola Popovski
30 прегледи

Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во интервју за „Euronews Albania“ зборувал за причините за неговото заминување од Владата, но и за влијанието на т.н. „српски свет“.

„Вистина е дека вицепремиерот (Иван) Столковиќ е близок со Белград и Москва и има врски со Додик. Ова беше избор на премиерот и тој треба да ја преиспита оваа одлука“, рекол Таравари.

За прв пат по 35 години, додал Таравари, една албанска партија одлучи да ја напушти владата и да премине во опозиција.

„Пред да заминеме, добивме информации за српското влијание, исто така немаше знаци дека ќе се спроведат уставните измени или дека ќе се најде заеднички јазик со Бугарија“, додал екс-министерот за здравство.

Таравари бил запрашан и за формирањето и функционирањето на коалицијата ВЛЕН во 2024 година.

„Политичкиот архитект на ВЛЕН беше г-динот (Албин) Курти и без неговите гаранции немаше ни да се приклучам во 2024 година. Но, функционирањето на ВЛЕН беше нефункционално. Сите одлуки мораше да се донесат во рамките на коалицијата, а тоа го направи нејзиното функционирање невозможно“, порачал Таравари.

За време на интервјуто, Таравари зборувал и за локалните избори. Таравари го критикувал ставот на ВЛЕН кон некои независни кандидати, кои според него се фаворизирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не од самите албански партии, сметајќи го ова како негативен тренд за политичката иднина на Албанците.

„Тоа не се независни кандидати, туку кандидати што ги претпочита ВМРО-ДПМНЕ. Еден од нив, дури и не знаел дека ќе се кандидира. Ова е лош тренд за Албанците. Со ова, македонските партии може да се стремат кон тоа да не постојат албански партии во иднина“, предупредил Таравари.