Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари вели дека движењето „Самоопределување“ на косовскиот премиер Албин Курти остварило добри резултати на вчерашните избори кај нашиот северен сосед.
-Нивните очекувања се околу 45% и се надевам дека ќе направат самостојна влада, но, и да не направат, мислам дека со коалиционирање, господинот Албин Курти….бидејќи има најголема доверба од сите, втората и третата партија заедно имаат помалку од Курти. На Косово му е потребно Курти и да продолжи уште четири години со владеење, рече денеска Таравари одговарајќи на новинарски прашања, по пуштањето во употреба на компресорската станица за хируршките клиники во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
ВЛЕН има тесна соработка со косовската партија и со лидерот на таа партија и премиер на Косово. Пратеникот на ВЛЕН во македонското Собрание, Беким Ќоку е и официјален претставник на „Самоопределување“ за Македонија.
„Самоопределување“ освои најмногу гласови на парламентарните избори во Косово. Според податоците на Централната изборна комисија, на второто место по бројот на освоени гласови е Демократската партија на Косово, а Демократскиот сојуз е трет. Актуелниот премиер прогласи победа, но ќе мора да се потпре на коалициските партнери за да формира нова влада.
-Ние сме први, ова е потврда за нашето добро владеење, прогресивно и демократско лидерство, благодарам на сите. Исто така, нашата победничка коалиција ќе ја формира новата влада „Курти 3“ и на овој начин ќе продолжиме со работата што ја почнавме, но и многу повеќе, изјави синоќа Курти.
На редовните парламентарни избори за 120 пратенички места се натпреваруваа 1.280 кандидати, од 28 изборни листи. Од седумте српски партии кои се натпреваруваа за 10 пратенички места во косовското Собрание, Српската листа е апсолутен победник.