Таравари: Мицкоски самиот по Нова година ќе бара да одиме на предвремени парламентарни избори

-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги извадија ВЛЕН од калта со помош на сите државни елементи, вели Таравари за „Локално“

од Nikola Popovski
462 прегледи Фото: Фејсбук профил на Арбен Таравари

Првиот круг од изборите кај повеќе од половина општини заврши, а партиите продолжуваат со обвинувањата и критиките кон противниците, во пресрет на првиот круг. Од коалицијата ВЛЕН денеска реагираат за неуспехот на локалните избори во општините Гостивар и Врапчиште, каде што не е исполнет цензусот, посочувајќи дека тоа е јасен одговор на политичките акробации што со месеци се прават во име на Албанците, но за лични интереси. „Нереализирањето на цензусот во општините Гостивар и Врапчиште е најјасниот одговор на политичките акробации што со месеци се правеа во име на Албанците, но за лични интереси“,се вели во соопштението од ВЛЕН. Според коалицијата, ова е порака, пред сè, до нивниот поранешен коалициски партнер Арбен Таравари, кој, како што велат, „погрешно проценил дека гласачите ќе ги следат во менување на принципите како ситни пари“. Обвинуваат дека „Таравари отиде за шест општини, остана со четири и заврши со нула“.

Во обид да дознаеме негова реакција, но и став за исходот од гласањето во недела, „Локално“ го контактираше лидерот на едното од трите крила на Алијансата на Албанците и поранешен министер, Арбен Таравари. За обвинувањата на ВЛЕН вели дека „не изгубивме бидејќи победивме во четири општини и тоа мислам дека ќе беа најдобрите кандидати по квалитет.

-Во Гостивар победивме 4:1, a повеќе од дупло од сите противкандидати. Во Врапчиште победивме со 9:1. Во Сарај, за жал, изгубивме за 580 гласови, иако сите анкети покажуваа дека нашиот кандидат водеше 2:1. Сепак анкетите се анкети, а резултатот излезе вака. Многу сум горд што промовиравме таков кандидат кој што ги освои срцата на многу Албанци во Македонија, истакнува Таравари.

Информира дека во Теарце исто така беше жестока борба, каде што победил кандидатот на ВЛЕН, што, според него, е дел од избирачкиот процес.

-Некаде ќе победиме, некаде ќе изгубиме. Меѓутоа победите во Гостивар и Врапчиште се како никаде во ниту една друга општина, додава соговорникот, потенцирајќи дека ВЛЕН се опседнати со него.

-Нормално. Тие имаат комплекси овие 5-6 месеци, нема ден да не се занимаваат со моето име и презиме. Јас се обидувам да ги игнорирам. Прават разни сценарија како сум изгубил и зошто сум излегол од Владата. Знаат дека во општините каде што се натпреваруваа кандидатите на АА, беа најквалитетни и оттаму разликата во Гостивар и Врапчиште беше најголема. Веројатно тоа им прави комплекси бидејќи одредени министри од ВЛЕН имаат изгубено со голема разлика во своите општини. Тоа е понижувачки, порачува лидерот на едното од трите крила на АА.

Како коалиција, Националната алијанса за интеграција (НАИ) освои повеќе гласови од ВЛЕН, но, сепак од таборот на Меџити, Касами и Гаши се прогласија за победници поради победата во Чаир и Тетово. Бараат и оставки, пред се од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На тоа, Таравари вели:

-Јас не знам како се прогласуваат за победници кога имаат повеќе од 20 илјади гласови помалку од НАИ. Нивно право е да бараат оставки. Одиме во втор круг во одредени општини каде што нема цензус, конкретно Гостивар и Врапчиште. Кога ќе се повторат изборите, повторно ќе ги победиме убедливо. Јас само им посакувам среќа и здравје, ништо друго, наведува екс-министерот.

Фото: Фејсбук профил на Арбен Таравари

Таравари е дециден дека доколку не беше помошта од владиниот партнер на ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ, тие немаше да стигнат до овие гласови што ги освоија во неделата.

-Апсолутно. Нема анкета која е направена, а во која разликата меѓу НАИ и ВЛЕН не е 2:1. Минимум е 1,8:1. Дури има и повеќе од 2:1. Сепак, премиерот Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ одлучија да работат повеќе отколку ВЛЕН во сите општини, со сите можни расположливи елементи на државата, за да ги извадат од калта и да им направи резултат од околу 90 илјади гласови, објаснува соговорникот во разговор за „Локално“.

„Темата за предвремени парламентарни избори веќе сум ја одговарал неколку пати. Јас кога ги одговарав тие прашања во минатото знаев дека ќе се случи ова што се случи и знаев дека таквиот тип на политика од пред четири, пет децении од минатиот век дека ќе биде поразена на овие избори и бев во право. И затоа, многупати кажував дека ДУИ и Али Ахмети ќе бидат непријатно изненадени денеска, и очигледно дека се непријатно изненадени“ – вака во неделата се обрати премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по објавувањето на гласовите. За тоа како од НАИ ќе дојдат до остварување на нивната цел, Таравари вели да ги причекаме прво резулатите од вториот круг од изборите.

-За нас треба прво да помине вториот круг и да ги анализираме резултатите. Потоа ќе зборуваме како понатаму. Продолжуваме да мислиме дека европскиот пат е многу битен за Македонија. Ние нема да инсистираме туку премиерот Мицкоски самиот по Нова година ќе бара да оди на предвремени парламентарни избори, додава Таравари, нагласувајќи дека продолжуваат да функционираат како самостојна партија.

-Ќе соработуваме со ДУИ во оваа опозициска соработка. Продолжуваме со Конгресот на партијата по Нова година што ни е редовен конгрес. Ќе имаме комплетна реконструкција на сите ограноци и подограноци и комплетна реорганизација на партијата, заклучува Таравари.

Таравари во мај годинава ја напушти коалицијата ВЛЕН и на локалните избори настапи како дел од коалицијата предводена од ДУИ.

Според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од локалните избори одржани на 19 октомври, во четири општини каде не се исполнети законските услови за излезеност од законскиот минимум од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина, ќе се повтори целиот прв изборен круг, и тоа во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати. Повторување на првиот круг избори поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа. Во Гостивар одзивот е 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.

Н.П.

Слични содржини