Таравари: Народот е мојот компас

од Nikola Popovski
149 прегледи

Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, на социјалната мрежа Фејсбук сподели порака во која нагласува дека неговата политичка ориентација и мотивација потекнуваат од граѓаните.

„Имам само еден компас на ориентација: Народот! Тие се мојата совест, мојот глас, мојата сила“, напиша Таравари, имплицирајќи дека неговите одлуки и ставови ќе се засноваат на волјата и потребите на граѓаните.

Ова следува откако синоќа првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити изјави дека на неговиот коалиционен партнер од ВЛЕН, не му е местото во Владата доколку се решил на соработка со ДУИ. Штом посакува таква соработка, како што рече Меџити во интервјуто за ТВ Сител, Таравари самиот треба да го објави тоа, не криејќи го од членството и јавноста.

Претседателот на Демократското движење смета дека на Таравари нема да му биде лесно оти, како што истакнува, Алијанса за Албанците е антипот на ДУИ.

-Многу полесно можам јас да ги убедам гласачите да гласаат и агитираат за ДУИ сега откако го нема (Aртан) Груби отколку некои од АА кои што постојано жртвувале и опстанале како опозиција и самите ја знаеле вратата на ДУИ. Не треба некој да ги носи кај нив…, истакна Меџити.

Вицепремиерот смета дека Таравари бил против ВЛЕН да прерасне во една политичка партија.

Лидерот на другото крило на АА и пратеник, Зијадин Села вели дека имало континуирани напори на прашањето дали постоеле иницијативи за обединување на двете крила на Алијансата за Албанците. Сепак, Села тврди за да постои обединета АА, Таравари треба да поднесе оставка, односно партијата да биде без него.

Слични содржини