Првиот човек на едното од трите крила на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, предлага нов договор меѓу двата најголеми етникуми во Македонија, кој ќе биде во рамките на Охридскиот рамковен договор. Тој истакнал дека нивната кауза во иднина ќе биде и фискална децентрализација.
„Наскоро ќе го промовираме нашиот предлог за нов договор меѓу двата етникуми што живеат во Македонија. Ова ќе биде столбот на ова и верувам дека нашата идна кауза ќе биде и фискална децентрализација, да речеме нетериторијална конфедерација или федерација, односно за функционирање на општини со повеќе надлежности и повеќе финансии“, изјавил Таравари во „КохаКаст“, без да објасни во што ќе се состои таквата конфедерација или федерацијата.
Претседателот на АА изразил длабоки сомнежи за функционирањето и перспективите на владејачката коалиција ВЛЕН, опишувајќи ја како конгломерат од партии со различни идеологии, кои тешко можат да се трансформираат во обединета политичка структура.
Тој нагласил дека евентуалното спојување може да се случи само меѓу одредени субјекти, како што се БЕСА и Алтернатива, додека во врска со Демократското движење и групата на Арбен Фетаи, посочил дека тие се сосема различни структури.