Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат вчера поднел тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Општина Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите на Меџити дадени во телевизиско гостување каде што тврдел дека за време на неговиот мандат како министер, Таравари издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис. Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги негира овие обвинувања, опишувајќи ги како невистинити и клеветнички. Претходно предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку нема јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата до Основниот суд Скопје 2, сега се очекува случајот да добие институционален тек.
Неодамна Меџити, зборувајќи за обвинувањата од Таравари во врска со случајот за компанијата „Ѓока констракшн“, која требаше да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје, се надоврза на акцијата што изминатиот период се спроведуваше, а во која се запленети над 40 тони марихуана на повеќе локации низ земјава.
-Денеска имаме тема за канабис, па затоа е добро јавноста да знае дека тој (Таравари), во својство на министер за здравство, за четири-пет месеци, за седум месеци, потпишал седум лиценци за одгледување на канабис. Значи, тој не беше министер за здравство, туку министер за канабис, министер за марихуана. Со тоа, тој го донесе подземјето на регионот на Македонија, а денес ги гледаме политиките што тогаш ги спроведуваше, рече тој.