Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН и министер за здравство, Арбен Таравари синоќа изјавил дека членовите на ОВК повеќе нема да бидат апсени во Македонија.
„Постои договор да се почитуваат истите врски како во Хрватска и Словенија, ако има забрана, само да им покажеме, а не да ги апсиме. Се разбира, тоа е еден вид притисок. Тоа се работи со кои воопшто не треба да се замараме“, рекол Таравари во интервју за косовската „Теве1“, пренесува „Косово онлајн“.
Додал дека Србија има големо влијание врз македонската Влада, но не и врз премиерот.
„Колкаво влијание има Србија во Македонија? Има големо влијание во владата, блиски до Додик и Вучиќ, но не можам да го кажам истото за премиерот…“, истакнал Таравари.
Кога станува збор за односите во коалицијата ВЛЕН, Таравари потенцирал дека евидентно е дека има раздор.
„Имаме проблеми и тоа е евидентно. За реформите, измените, носењето закони постои одредено несогласување кое е евидентно“, констатира Таравари. Тој тврди дека има маргинализирани заменици-министри, што исто така влијае и на завршување на многу процеси.
Додал дека анкетите покажуваат дека граѓаните се незадоволни од работата на ВЛЕН, поради што е разочаран.
„Разочаран сум кога на анкетите гледам дека граѓаните не се задоволни од начинот на кој работиме. Девет месеци не е време да се каже дека се е трагично, не велам дека нема резултати, но не постигнавме многу работи од нашата изборна програма“, тврди Таравари.