Министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари не верува оти осомничениот за воени злосторства во 1999 година, Бљерим Рамадани, може да биде екстрадиран во Србија.
„Не верувам дека може да се изврши екстрадиција. Го олеснуваме неговото ослободување“, изјавил Таравари за „Albanian post“.
Истиот став за албанскиот медиум го потврдил и првиот вицепремиер на Владата, Изет Меџити.
„И порано имало слични случаи. Работиме на тоа да го избегнеме како проблем“, рекол Меџити.
Тој додал дека апсењето на Рамадани на 17 јули се случило затоа што Србија вклучила поранешни припадници на ОВК на листата на Интерпол.
„Оттаму тие се појавуваат во системот“, изјавил Меџити, додавајќи дека „мора да најдат решение да го елиминираат како појава, не само за овој случај“.
Рамадани веќе заврши во екстрадициски притвор во времетраење од 30 дена.
Ветераните на ОВК од Македонија и членови на неговото потесно семејство денеска протестираа пред Основниот суд во Скопје, барајќи итно ослободување на поранешниот војник на ОВК. Демонстрантите кои се собраа пред судот побарале Македонија да не потпадне под диктат на Србија.
Пред неколку дена, косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција рече дека е во комуникација со македонските власти во врска со ослободувањето на Рамадани.
„Ние сме во комуникација со Владата на Северна Македонија и тамошните релевантни сектори со цел да дознаеме повеќе за граѓанинот на Косово кој се наоѓа таму, како не би подлегнале на агресивноста на Србија кон Косово, што се рефлектира и во таквите потерници за нашите граѓани“, нагласил Курти.
Македонските власти и претходно апсеа поранешни припадници на ОВК врз основа на потерница на Интерпол издадена од Србија. Гафур Елишани беше уапсен по истата основа во 2016 година.