Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците и довчерашен министер за здравство, Арбен Таравари остварил средба со премиерот на Албанија Еди Рама. Средбата била по повод победата на партијата на Рама на парламентарните избори во Албанија што се оддржа на 11-ти мај.
Средбата се одржала во кабинетот на премиерот во Тирана, во пријателска и братска атмосфера, наведуваат од АА.
„Во оваа пригода, г-дин Таравари им ги пренесе најтоплите честитки од име на Алијансата за Албанците за изборната победа и повторната потврда на граѓанската поддршка за Социјалистичката партија и нејзината визија за Албанија“, велат од партијата.
„Со најевропскиот премиер во моментов или како што велат насекаде во последно време: со Еди“, напиша Таравари по средбата.
За време на разговорот, како што велат од едното крило на АА, биле разгледани и прашања од значење за Албанците во регионот, како и потребата од зајакнување на меѓуалбанската соработка на сите нивоа – политичко, институционално и социјално.
„Алијансата за Албанците високо ја цени улогата на Албанија како клучен фактор во поддршката на демократскиот развој и правата на Албанците во регионот и изразува подготвеност за понатамошно продлабочување на оваа соработка“, стои во партиското соопштение.