Таравари: Разрешен директорот на ОБ Куманово, ако има лекарска грешка, ќе следи одговорност

од Даниел Ѓорѓиевски
401 прегледи

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека директорот на Општата болница во Куманово веќе е разрешен, а утре ќе биде назначен нов раководител на установата.

„Бев кај семејството на починатиот 32-годишен Ведад Адеми за да изразам сочувство. Пред да дојдам тука, го прегледав извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и во него многу лесно може да се констатира дека веќе има предуслови за разрешување на директорот на ОБ Куманово. Тој веќе е разрешен и се надевам дека утре, во консултација со колегите во министерството, ќе назначиме нов директор“, изјави Таравари.

Министерот потенцираше дека целата документација треба да се разгледа и да се предаде на обвинителството, кое ќе ја донесе конечната одлука дали постои лекарска грешка.

„Треба да бидеме свесни дека, ако има пропусти, мора да има и одговорност. Не сакам да навлегувам во деталите на извештајот, ќе следиме како ќе тече истрагата. Не е коректно да коментираме работи што треба да ги утврдат комисијата и обвинителството. Но, постојат индиции дека оние кои го воделе случајот требало да внимаваат како постапуваат со пациентот,“ додаде Таравари.

Тој нагласи дека како министер има надлежност да го разреши организаторите на здравствените установи и затоа е сменет директорот, а за причините ќе утрдела комисија на ДСЗИ.

„Комисијата ќе утврди каде е грешката. Јас не можам да бидам и обвинител и полицаец. По контролата на ДСЗИ ќе биде јасно што следува понатаму. Новиот директор ќе биде од самата болница,“ заврши министерот.

Слични содржини