Таравари сака Алијанса да учествува заедно со ЕСП на изборите

од Nikola Popovski
363 прегледи

Лидерот на АА, Арбен Таравари бара неговата партија на изборите да учествува заедно со здружената албанска опозиција, составена од трите партии БЕСА, Алтернатива и Демократско движење кои делуваат заедно како Европскиот сојуз за промени. Ова го објави тој доцна попладнево на својот Фејсбук профил.

Таравари информира дека до ваквата негова одлука дошло по неколкунеделни чести консултации и средби.

-Непоколебливо верувајќи во моите сопартијци и во нашата заедничка визија, ја барам нивната доверба Алијансата за Албанците да влезе во изборната трка со албанската опозиција и заедно да продолжиме да го правиме најдоброто за оваа земја. Повеќето луѓе читаат историја, но ретко добиваат шанса да ја напишат. Денес ја имаме оваа можност пред нас. Да бидеме ние тие што ќе пишуваат историја, објави меѓу другото Таравари на својот Фејсбук профил.

Сепак ваквата одлука не е конечна бидејќи за тоа треба да одлучи Централното претседателство на АА.

Ваквиот предлог следи откако вчера лидерот на партијата имал средба со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети и  со техничкиот премиер Талат Џафери. Таравари вчера, имал разговор и со неговиот претходник во Алијанса, Зијадин Села, кој пак, претходно се состануваше со партиските ограноци токму за тоа како ќе се позиционира Алијанса.

Таравари се најде во средината на шпекулациите за потенцијален кандидат за претседател на Македонија.

-Албанската опозиција ми пристапи да бидам претседателски кандидат, но не ме интересира, рече лидерот на АА по средбата меѓу него, Европскиот сојуз за промени и косовскиот премиер Албин Курти во Приштина.

Останува да се види како ќе одлучи останатото раководство на АА која наскоро треба да одржи Централно собрание.

Слични содржини