Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека состојбата на повредените од трагедијата во Кочани е под контрола, но предупреди дека 20 пациенти се во покритична состојба и дека се можни компликации во следните денови.
„Одржавме состанок со кризниот штаб и направивме пресек на состојбата. За среќа, сите пациенти кои беа донесени низ болниците се стабилни. Сепак, се јавува нов проблем – пациенти кои вчера не се пријавиле, денеска се јавуваат. Апелирам сите кои биле во дискотеката да се јават за лекарски прегледи и помош,“ изјави Таравари.
Министерот потврди дека 51 пациент е хоспитализиран надвор од државата, тешко повредените пациенти се испратени на лекување во странство: Турција: 9 пациенти (3 во Истанбул, 6 во Анкара), Бугарија: 14 пациенти (3 во Варна, 3 во Пловдив, 8 во Софија), Грција: 5 пациенти во Солун, Србија: 17 пациенти, Унгарија: 2 пациенти, Литванија: 4 пациенти. Таравари соопшти дека е очекуван и транспорт на уште пациенти кои ќе бидат пренесени во болниците во Словенија (2), Хрватска (4), Австрија (6), Србија (уште 12 во ВМА Белград)
Таравари потврди дека се формирани специјални медицински тимови кои ќе комуницираат со повредените во странство, а истовремено ќе има и психолошка поддршка за семејствата на жртвите. Министерството за здравство до 14 часот ќе објави контакт броеви за сите болници каде што се сместени повредените.
„Во Македонија нема доволно капацитети за третман на пациенти со изгореници, поради што дел од нив беа испратени во специјализирани центри во странство. Околу 15 лекари од Чешка, Израел и Србија веќе пристигнаа и ќе бидат распоредени по клиниките за да помогнат во лекувањето,“ изјави Таравари.
Во моментов, 49 лица се на Клинички центар, 18 во „8 Септември“, 17 во Стара Градска болница, додека во Штип се пријавени уште двајца нови пациенти.